По потврдата за откази од повеќемина стандардни, фудбалскиот селектор Игор Ангеловски го повика младиот Анес Османовски од германскиот нисколигаш Унтерахинг да дојде на кусиот собир пред дуелот со Скандинавците. Тој е в сабота од 18.30 на арената Филип втори во Скопје и за нас е извонредно важен за продолжение на серијата добри резултати (две победи, две нерешени) во квалификациите за СП.
„Ќе бидеме без Илија Несторовски, Никола Ѓоргев и Љупчо Дориев, а нема да играат и Висар Муслиу и Кире Ристески иако тие ќе бидат со нас. Поради тоа, го повикав Кире Маркоски, а доаѓа и Османовски. Тој е член на репрезентацијата У18, и на квалификацискиот турнир на кој играа Србија, Албанија и Италија покажа дека е фудбалер што има одлични квалитети“, изјави на брифингот со новинарите селекторот Игор Ангеловски кој соопшти и дека за Норвешка е неизвесен и Аријан Адеми, кој се повреди на тренинг на неговиот Динамо Загреб.