Лажна закана или реално комплицирање на безбедносната ситуација по казните затвор за кумановската група која што уби 8 македонски полицајци во Диво Насеље во мај 2015 година.
Според ултиматумот испратен до дел од медиумите на албански јазик, доколку нема ревизија на пресудите за учесниците во кумановските настани Македонија влегува во нова дестабилизација.
Во новинската агенција „Лајм“ вчера пристигнало известување во име на генералниот штаб на УЧК со седиште во Скопје. Во ова известување со бр. 6, се критикува одлуката на судот за долгогодишен затвор за членовите на кумановската група.
Во ултиматумот од 72 часа од сите Албанци во Македонија е побарано е да ги напуштат сите државни институции каде што се вработени. Ултиматумот од три дена ќе заврши во среда, но не се даваат прецизни информации што ќе се случи ако тој не биде испочитуван.
Поранешни борци на УЧК палат македонско знаме
„Дојче веле“ денес пренесува мислење на поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов кој смета дека овој тип на соопштенија повеќе наликуваат на подметнување „лажни вести“, но сепак не треба да се игнорираат.
„Независно дали е сериозна закана или не, тајните служби треба да имаат сериозен и одговорен пристап, да ги проверат овие закани и да превенираат со соодветни активности“.
Во партиите од албанскиот блок засега нема коментар, ни проценка кој би можел да стои зад ваквиот ултиматум. Лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, на вчерашната средба во Скопје со амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, го повторил партискиот став по пресудата за случајот Куманово: Спроведување меѓународна истрага, формирање Анкетна Комисија во Собранието и целосно расветлување на вистината.
Засега македонските власти не коментираат дали се работи за сериозна закана или само за обид да се привлече внимание во јавноста за случајот во кој триесетина лица добија доголгодишни затворски казни.





