Следната рунда од дијалогот меѓу Србија и Косово на највисоко политичко ниво ќе се одржи на 18 август во Брисел, потврди портпаролот на Европската унија (ЕУ), Петер Стано.
„Можам да потврдам дека откако високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел ги покани двете страни во Брисел, претседателот на Србија (Александар) Вучиќ и премиерот на Косово (Албин) Курти ја прифатија неговата покана и ќе дојдат во Брисел на 18 август“, се наведува во писмениот одговор на Стано.
Тој изјави дека српскиот претседател и косовскиот премиер ќе бидат примени од шефот на европската дипломатија Борел, како и од специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак, со цел заеднички да разговараат за „патот напред во дијалогот меѓу Приштина и Белград“.
Ова ќе биде прва средба меѓу Курти и Вучиќ во рамките на дијалогот за нормализација на односите по повеќе од една година. Последен пат тие се сретнаа во Брисел во јули 2021 година.






