Единствениот начин да се додржиме во државава е со ум и со балансирање меѓу различните етникуми, религии, луѓе кои живеат тука, порача
Запрашан како гледа на улогата на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, во однос на неговите ставови против договорите со Грција и Бугарија и текстот во кој наведува дека последниот Македонец ќе исчезне во 2084 година, шефот на државата Стево Пендаровски вели:



– Во однос на тие негови писанија не би се потресувал толку многу што напишал господинот Коцарев затоа што се работи за физичар, кој од меѓународна политика, внатрешна политика, етногенеза, се разбира колку што јас се разбирам во атомска физика, значи, многу малку или воопшто не се разбира“, рече Пендаровски синоќа во интервју на ТВ Канал 5.

„Мене ме чуди друга работа, таму постојат луѓе во раководството на МАНУ кои се со завидни референци, професионални, лични, политички, и кај нив има молк. Тие молчат. Зошто мислам дека тие би морале да заземат позиција и да кажат јавно што мислат? Затоа што во последниот текст на дотичниот господин стои дека тој заедно со МАНУ од септември ќе го просветувал и ќе го будел македонскиот народ“ – рече Пендаровски.

Би било интересно, дополни тој, да се види дали господинот Коцарев мисли да ја регистрира МАНУ како политичка партија па да учествува на избори и тогаш другите академици ќе треба да кажат каде се гледаат себеси во тој нов политички субјект и тоа значи како институција заедно ќе го освестуваат Македонецот, а другиот резон зошто мислам дека тие мора да излезат час поскоро во јавноста е затоа што МАНУ има многу лоша репутација.