Ќе оди ли Грција на предвремени избори?

И покрај фактот што Алексис Ципрас во секоја прилика истакнува дека изборите ќе се одржат на крајот на четирите години од неговиот мандат, односно во септември 2019 година, дури и неговите блиски соработници се чини не се убедени дека тоа нема да се случи побрзо, пишува „Та неа“.
Ваквата вест е директно спротивна на проценките на грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕиас, кој вчера ја посочи 2018 година како речиси сигурен период во кој треба да се затвори спорот со името, зашто 2019 „е изборна година“, пренесе Катимерини.
„Верувам дека прашањето треба да биде решено до првата половина на 2018 година“, изјави Коѕиас според кој „националната рана“ која била отворена пред 26 години треба да се реши до крајот на 2018 година, бидејќи во 2019 година треба да се одржат избори и во Македонија и во Грција.
Но, наводно, веќе се изготвувале и планови кога би било најповолно да се одржат евентуалните предвремени избори, иако за „паѓање“ на владата на Алексис Ципрас се зборува уште од првиот ден по неговиот втор мандат во 2015 година, коментира атинскиот „Капитал“.
„Многу пати опозицијата го предвидуваше падот на владата и заминувањето на Алексис, но сега постои вистинска опасност да настрада како овчарчето во сказната на Езоп: волкот доѓа тогаш кога на овчарчето, по многуте шеги, никој веќе не му верува“ стои во коментарот на весникот.
Според пишувањето на грчките медиуми, веќе се правеле и проценки кога би можело да се одржат изборите и се споменуваат три сценарија: пролет или есен 2018 година односно – мај 2019 година.
Судирот во Парламентот минатиот петок беше првиот знак на она што ќе следи во следниот период во однос со опозицијата, пишува „Та неа“, а Ципрас се соочува и со зголемената недоверба на групата 53 во неговата партија. Пратеничката група на СИРИЗА, неделава би требало да се состане во обид да ги затвори внатрешните судири, во пресрет на оценките на Европската Комисија.