Преговорите се отворени и скринингот започна. Одржувањето на наредната меѓувладина конференција зависи од билатералниот договор меѓу двете засегнати земји , вели евроамбасадорот Дејвид Гир во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
На прашањето на РСЕ дали, доколку не бидат донесени уставните измени, тоа значи дека процесот на преговори ќе биде блокиран, амбасадорот ГИР вели:
„Кога скринингот ќе биде завршен во оваа фаза, да одите на наредната точка е потребно да има друга меѓувладина конференција. Одржувањето на таа меѓувладина конференција зависи од овој билатерален договор меѓу двете засегнати земји.
Секако, тоа е суверена одлука за Северна Македонија да го смени Уставот, иако веќе имате добар учинок во меѓуетничките односи и ова понатаму само ќе го дефинира тоа.
Но, што ќе се случи ако не оди напред. Мислам дека најверојатното сценарио ќе биде преговарачкиот процес да запре таму.
Ќе го завршите скринингот, но одржувањето на меѓувладината конференција и следните чекори ќе го чекаат решавањето на ова прашање. Не бидејќи трета земја дошла и ставила вето, туку бидејќи оваа земја решила да се повлече од обврската која е направена билатерално со Бугарија“, вели Гир.
Околу најавата за одржување на референдум околу преговарачката рамка со Бугарија, евроамбасадорот вели дека „стратешкиот избор кој оваа земја го прави бројни години е да влезе во ЕУ и процесот сега започна.
Има бројни јасни причини зошто оваа земја ќе има корист од членството во ЕУ и ЕУ ќе има корист да ве има како дел од семејството. На економска страна, ЕУ е најголемиот единствен пазар во светот и исто така ваш сосед. Ова нуди огромни можности за бизнис, за трговија, за инвестиции, за подобрување на животниот стандард и средствата за живот, за осигурување дека младите луѓе ќе ги развијат неопходните вештини да се натпреваруваат на пазарот на труд во овој поголем единствен пазар. Но, не е само тоа. Има и други многу јасни бенефиции од членството во ЕУ“, вели евроамбасадорот.
Запрашан за мислење дали ЕУ е гарантира дека процесот на пристапување нема да биде блокиран од Бугарија, Гир вели:
„…бидејќи ме прашавте дали има гаранции и мора да бидеме јасни, нема гаранции.
Самиот процес нема 100 процентни гаранции. Самиот процес се состои од серија на моменти кога едногласни одлуки треба да се донесат. Така функционира за сите земји.
Ниту една преговарачка рамка не може да гарантира дека други прашања нема да бидат покренати. Доколку бидат покренати ЕУ како што има направено во други процеси за членство ќе се справи со нив“.

.





