Препукувањето меѓу Русија и Бугарија по сквернавењето на споменикот на Советската армија во Софија ја вовлече и депортацијата на македонските Евреи во логорите на смртта во Втората светска војна.
Застанувајќи зад изјавата на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, дека Црвената армија е заслужна за спасувањето на 48.000 бугарски Евреи, историчарот Михаил Мјаков дополнува дека клучни за тоа се победите кај Сталинград и кај Курск, по кои Бугарија почнала да бара контакти со антихитлеровската коалиција и да мисли за својата иднина.
„Руското Министерство за надворешни работи е апсолутно во право, бидејќи токму благодарение на нашите војници е спречена депортацијата на Евреите од Бугарија“, вели тој. „Ако не беше Црвената армија, сценариото ќе беше поинакво и судбината на Евреите од Тракија и од Македонија го потврдува тоа. Нацистите, едноставно, би го притиснале бугарското раководство и би го принудиле да учествува во холокаустот, сега на сопствената потесна територија“.
Научниот директор на Руска военоисториска јавност го оценува како црна дамка во бугарската историја депортирањето на македонските Евреи.
„Темна страница на бугарската историја беше депортацијата на повеќе од 10.000 Евреи од грчка Тракија и од југословенска Македонија, окупирани од бугарските војски, во пролетта 1943 година, кои потоа беа ликвидирани во нацистичките концентрациони логори на смртта. Таквата судбина, со договор меѓу бугарската Влада и претставници на германската власт, можеше да ги снајде и Евреите што живееја во самата Бугарија“, смета Мјагков.





