Боцевски открива страшна можна причина за неодењето на Пендаровски на Мечкин Камен

Зошто Стево Пендаровски, шефот на државата, оваа година одбира целосно да го игнорира Илинден, најголемиот македонскиот национален празник?



По ова реторичко прашање екс вицепремиерот и амбасадор Ивица Боцевски дава можен одговор кој е застрашувачки.

Во својата колумна за Нова Македонија Боцевски пишува дека најголемиот дел од коментаторите сметаат сметаат дека неговото лошо искуство во роднокрајниот Галичник, каде што забележливо беше исвиркан од учесниците и од публиката на македонската манифестација „Галичка свадба“, придонесе кон неговиот избор да одбие да го чествува Илинден, а има и такви што велат дека едноставно му е здодевно и дегутантно насред лето да си ја работи работата.

,,Впрочем, како можеле некои таму да се дрзнат да го стават на календарот националниот ден на Македонија во периодот кога сиот нормален свет оди некаде на плажа или на планински одмор?”, кој дава реална можност неодењето на претседателот на државата на Мечкин Камен да има друга многу пострашна причина.

,,Шегата настрана, но причините зошто Стево Пендаровски во 2022 година ја руши традицијата воспоставена во 1944 година се далеку подлабоки. За жал, веќе ништо не може да го промени заклучокот дека Зоран Заев по 2017 година гради сосема нова нација, „Северна …“, со целосно нова симболика, култура, историја, јавни белези, паметници и така натаму.

За реализација на нивната идеја за востоличување на „Северна …“, со некој нејзин „мултиетнички народ“, како што велеше Заев, потребно е целосно да потонат во заборав датумите што го одбележуваат илинденското и асномското минато на македонскиот народ, да се прогони сеќавањето на настаните што ја градеа илинденска и асномска Македонија, од кој најсветол празник е самиот Илинден.

Македонија мора да умре за да се роди новата нација „Северна …“! Затоа Илинден треба да исчезне од историското сеќавање на македонскиот народ …

За несреќа, самиот шеф на државата е еден од најпламените приврзаници на идејата на Заев за воспоставување нова нација, па затоа лани немаше јавно обраќање пред народот на Мечкин Камен, туку „видеопорака“, а годинава Пендаровски избра целосно да го игнорира Илинден и да си тера викенд, на тој начин погазувајќи ја основната улога на претседателот – да биде олицетворение на државата, обединител и главен жрец на националната митологија на сопствената земја.

По првпат од 1944 година, шефот на македонската држава го нема никаде на Илинден, ни во „Прохор Пчињски“, ни во Крушево, па дури ни во Скопје. Ако ова не е национален скандал од прв ред, тогаш не знам што е национален скандал!

Изгледа вчудовидувачки, но мора да се констатира дека Јосип Броз-Тито, како шеф на југословенската држава, имаше далеку подлабока и поискрена врска со македонскиот народ отколку што тоа го има актуелниот претседател Стево Пендаровски. Тоа воопшто не е ни случајно. Иако тврд и непоколеблив комунист, докажан интернационалист и космополит, сепак Тито имаше силно чувство за историјата на секој југословенски народ, цврста поврзаност со нивните националните чувства и јасна слика за потребата од натамошен автономен развој на секоја посебна национална култура во рамките на поранешна Југославија.

Токму затоа лично Јосип Броз најторжествено го одбележувал Илинден, достојно и за почит на целиот македонски народ. Да не зборувам, пак, за републичките партиски и државни раководства од тоа време. Дури и во социјализмот, претседателите, премиерите и собраниските спикери знаеја дека нивните говори за Илинден, одржувани на Мечкин Камен, во „Прохор Пчињски“ или во Скопје, ја имаа онаа иста тежина каква што во Британија ја има редовното годишно обраќање на кралицата пред британскиот парламент или какво што има редовното годишно обраќање на американскиот претседател пред двата дома на американскиот конгрес.

Преку овие обраќање на националниот лидери пред сопствените граѓани се негува врската на денешните генерации со минатото, со тие што ја сонувале, се бореле, гинеле и ја граделе денешна Македонија, но и со идните генерации што ќе ја кројат својата приказна за Македонија. Така се негува националниот наратив”, пишува Боцевски во колумната која може да ја прочитате овде во целост.