Српско-бугарската војна од 1885 година им стави крај на бугарските надежи за создавање автономна Македонија, смета Соња Пенкова, директор на Националниот военоисториски музеј од Софија.
„Стана јасно дека ниту големите сили, ниту малите балкански држави, ниту Османлиската империја ќе допуштат на Македонија да ѝ се случи судбината на Источна Румелија. Така што на бугарската дипломатија ѝ стана јасно дека по 1885 година борбата веќе ќе се води со други средства. Можеби по таа војна Македонија конечно се претвора во јаболко на раздорот на Балканот и тоа во голем степен ги навестува настаните што ќе се случат во текот на Втората балканска војна и на Првата светска војна што следуваше по неа“, изјави Пенкова за агенцијата „Фокус“ по повод 132-годишнината од српско-бугарската војна.
Неа ја повело Кралството Србија, незадоволно од обединувањето на Кнежевството Бугарија со автономната област Источна Румелија. Војната ја добила Бугарија, која потоа склучила договор со Османлиското царство за управување со Источна Румелија во замена за шест милиони франци.
По поразот во оваа војна, Србија своите претензии место кон исток ги насочува кон југ и кон југоисток.





