Предлогот за избор на уставни судии пред собраниска комисија

Во Собранието на Република Македонија денеска седница ќе одржи Комисијата за прашања на изборите и именувањата.



Како што се наведува на веб-страницата на Собранието, на дневен ред на седницата е утврдување предлог за избор на судии на Уставниот суд на Република Македонија.

За трите испразнети места за кои конкурс беше распишан пред повеќе од една година предложени се вкупно 9 кандидати. Тројца дојдоа како предлог од владејачкото мнозинство: актуелниот државен обвинител Љубомир Јовески, апелацискиот судија Фатмир Скендер и правничката Татјана Васиќ; а шестмина предложи опозицијата: професорката од Правниот факултет во Скопје Родна Живковска, пензионираниот професор Саво Климовски, шефот на Вишото обвинителство Шитп Тодор Витларов охридскиот обвинител Воислав Димоски, управната судијка од Битола Весна Јовановска и пензионираниот гостиварски судија Бранко Секулоски.