„Ставот на Австрија е дека ембаргото за гас е невозможно“, изјави денеска австрискиот канцелар Карл Нехамер според кој Австрија отсекогаш се залагала дека економските ограничувања носат поголема штета на оние на кои им се наметнуваат, отколку на оние кои ги воведуваат.
„Тоа не е само затоа што ние како Република Австрија сме зависни од рускиот гас, туку и германската индустрија зависи од него и, доколку ја загуби стабилноста, истото ќе се случи и со австриската индустрија“, рече Нехамер на прес-конференција во Виена по разговорите со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Нехамер смета дека „интелигентните“ санкции против Русија, кои вклучуваат мерки против нејзината економија, ќе функционираат, но дека за тоа ќе биде потребно време.
Унгарскиот премиер посочи дека Унгарија се уште се противи на ембаргото за увоз на гас од Русија во Европската унија и оти не е сама во тоа.







