Еврокомесарот за проширување, Унгарецот Оливер Вархеји, во интервју за Еуроактив упати критики до македонската опозиција – дека таа ги поминала основните демократски црвени линии во дејствувањето против францускиот предлог.
„За Северна Македонија ова треба да биде момент за отрезнување, и за опозицијата. Палењето документи во пленарна сала, туркањето на луѓето во насилство и поттикнувањето омраза не носат ништо, само штета. Постојат многу јасни граници за европскиот начин на водење политика, многу јасни граници за цивилизираната политика, а моја процена е дека многу од тие црвени линии беа поминати од опозицијата“, изјави меѓудругото Вархеји.
За оваа критика и за тековните активности на ВМРО-ДПМНЕ, ДВ побара одговор од нејзиниот лидер Христијан Мицкоски.
ДВ: Ги поминавте ли црвените линии?
-Сметам дека единствените црвени линии кои беа поминати беа тие на распродажбата на македонскиот идентитет, грубата трговија со нашите историски наследства и културни обележја врз кои како народ ја градиме нашата држава и го негуваме нашиот идентитет. Познавајќи ја европската бирократија, го разбирам господинот Вархеји кој како политичар во ЕУ сака уште едно завршено поглавје на своето биро, уште едно затворено прашање. И воедно, јасно ми е дека од негова гледна точка тешко е да се разбере она што за нас е исклучително важно, а тоа е нашиот идентитет и правото како немногуброен народ да опстоиме и тоа во состојба кога нашиот сосед има аспирации и неоправдано нѐ блокира, искористувајќи ја слабата и корумпирана влада, која не можејќи да испорача резултати – тргува со идентитетските обележја. Но исто така и комесарот треба да сфати дека во ситуација кога никој од владата не ја консултираше опозицијата при изработка на документот кој беше усвоен како преговарачка рамка, кога целосно беше игнорирана опозицијата и нашите барања јавно да се објави текстот од протоколот каде седат бугарските мегаломански барања, кога се прифати преговарачка рамка по која немаме вистински старт на преговорите туку обична фото-сесија и истите проблеми кои останаа, единствената црвена линија која се помина е таа на здравиот разум, на идентитетското распознавање на Македонија и народот како и бескрајната толеранција на Европската Унија на неразумните блокади и тапкањето во место. Воедно и Европската Унија го троши својот кредибилитет кога се удоволуваат мегаломанските барања на поединечни држави. Единствено што сакам и на што опстојувам е доследно почитување на вредностите врз кои почива ЕУ, а тоа е почитување на различностите, на силно вреднување на солидарноста, затоа што ниту Европа ниту Бугарија ќе има поголема корист од тоа што криминална влада и условени политичари исполниле мегаломански барања преку кои довеле една земја и народ во потчинета состојба.
ДВ: Дали на средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан ви беше пренесена слична порака, со оглед дека Вархеји потекнува од истата политичка опција?
-Не, разговорите со премиерот на Унгарија, Орбан, воопшто не беа во тој дух. Напротив. Тој е пријател на Македонија и голем поддржувач на стратешките интереси. Одблиску го запознав со деталите околу преговарачката рамка, и тоа што нам ни пречи, а тоа е правото кое се дозволува на земја членка на Унијата да ги менува нашите учебници, нашиот Устав, да го негира нашиот јазик, а за возврат ние сѐ уште да сме пред портите на ЕУ, сѐ додека некој од Бугарија не рече – доволно е обезличување, сега можете да влезете. Разговаравме и за состојбите во регионот, енергетската криза и ред други теми и прашања. Пријателска и средечна средба.
ДВ: Вашите опоненти велат дека со ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште раководи Никола Груевски, дека оттаму добивате инструкции, а има и јавно искажани сомневања дека заедно со Груевски сте биле на средба кај Орбан…
-Смешни се тие обвинувања и само ја покажуваат немоќта на СДСМ и нивните инсталации наменети да ја шират нивната невистинита пропаганда. Таквите дезинформации се и дефокус од реалните теми кои ги интересираат граѓаните, како што е инфлацијата, енергетската криза и асимилација преку прифаќање на протокол кој јавноста го виде откако се потпиша. Можеше да се претпостават реакциите на СДСМ, тие се истите копи-пејст од минатиот пат кога се видов со Орбан. Јасно им е и на тие инсталации позади кои седи интересот на СДСМ, дека доаѓа ВМРО-ДПМНЕ и сега преку ваков или сличен притисок тие инсталации сакаат да фатат приклучок. Тоа е јасен показател дека ВМРО-ДПМНЕ е реструктуирана, реформирана народна партија за македонско национално единство. Додека јас сум претседател ВМРО-ДПМНЕ ќе биде народна партија која ќе се темели на чест, работа и напредок, нема таков полусвет да крои политики во ВМРО-ДПМНЕ.
Целиот текст на следниот линк:
https://www.dw.com/mk/%D0%BC%D0%B8%D1%86%D0%BA%D0%BE%D1%81%D0%BA%D0%B8-%D0%BD%D0%B5-%D1%98%D0%B0-%D0%BF%D0%BE%D0%BC%D0%B8%D0%BD%D0%B0%D0%B2%D0%BC%D0%B5-%D1%86%D1%80%D0%B2%D0%B5%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%BB%D0%B8%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%BD%D0%B5%D0%BA%D0%BE%D1%98-%D0%B4%D1%80%D1%83%D0%B3-%D1%98%D0%B0-%D0%BF%D1%80%D0%B5%D0%BC%D0%B8%D0%BD%D0%B0-%D0%BB%D0%B8%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D0%B7%D0%B4%D1%80%D0%B0%D0%B2%D0%B8%D0%BE%D1%82-%D1%80%D0%B0%D0%B7%D1%83%D0%BC/a-62608610?maca=maz-rss-maz-pol_makedonija_timemk-4727-xml-mrss





