…имаме шансата низ легалните институционални процедури да направиме нашите приоритети да бидат воочени од страна на меѓународната заедница, а ние да ги издигнеме на прво место нашите потреби и барања, пишува Сашо Таневски во колумна за Нова Македонија во контекст на најавената денешна ратификикација во Собранието за прием на Шведска и Финска во НАТО.



„Ако во овој момент земјава води битка да се одбрани од отворените напади на Бугарија, како земја-членка на НАТО и на Европската Унија, која во 21 век го негира постоењето на еден цел народ, неговиот јазик, како и на неговата историја и култура, тогаш можеби македонското собрание првенствено треба да обезбеди кворум за да донесе стратегија како да ги одбрани националните интереси, наместо сега да се занимава со членството на Финска и на Шведска во НАТО, кое може да почека, исто онака како што Македонија чекаше од 2008 година.

Токму денес имаме политичко-процедурален џокер во ракав во Собранието, меѓународната заедница да ја почувствува онаа старата македонска изрека дека сто стапа по туѓ грб не болат онолку како еден на сопствениот! И тоа без да прекршуваме правила и процедури и без да влегуваме во конфликт со некоја членка на НАТО, туку само да покажеме карактер и тежина на нашиот глас и став“ пишува Таневски

Тој смета дека ратификувањето може да почека „а пораката за итност на решавање на македонската европска голгота ќе биде испратена од Собранието до Алијансата, која ќе го почувствува гласот на еден меѓу еднаквите триесет и ќе се заложи да се испочитуваат пропишаните процедури и меѓународното право.

Колку за потсетување – пишува Таневски – земјава уште пред 14 години во Букурешт требаше да стане членка на НАТО, но тогаш Грција, со образложение дека се загрозени нејзините национални интереси, ја блокира целата процедура и не дозволи членство на Македонија во Алијансата ако не се прифатат грчките уцени. За целата меѓународна заедница тоа беше во ред, демек Грците биле многу чувствителни по прашањето за Македонија.

Истото тоа сега го прави и Бугарија, блокирајќи го почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, бидејќи нивниот наводен национален интерес бил негирање на соседниот народ, на неговиот јазик и на неговата историја и култура.

Како што очигледно сите си ги ставаат сопствените приоритети на прво место, можеби сега е моментот и Македонија да се сврти кон националните приоритети наместо слепо да ги исполнува агендите што ѝ ги наметнуваат други…“