Такси превозот во Скопје поскапува поради зголемување на цената на горивата, одлучи Советот на Град Скопје.
Според новата одлука, компаниите ќе можат да изберат меѓу три тарифи за превоз на патниците. Според Тарифа 1: Старт на превоз ќе биде 40 денари, секој изминат километар ќе биде 25 денари, а чекање во место 1 час ќе чини 300 денари. Според Тарифа 2, старт на превоз – 50 денари, секој изминат километар – 30 денари и чекање во место 1 час – 420 денари. Според Тарифа 3, старт на превоз е 60 денари, за секој изминат километар – 35 денари и за чекање во место 1 час – 480 денари. Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Град Скопје”.
Трите тарифи се усогласени и прифатени од Асоцијацијата на легални таксисти, Синдикатот на таксисти и Групацијата на такси превозници. Во моментот таксистите во Скопје возат по цени кои се на сила веќе 11 години.





