Грција ги крши правата на турското малцинство во Тракија, обвини турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Ердоган ја критикуваше Грција за наводно кршење на Лозанскиот договор со кршење на правата на Турците. Тој по повод 99-годишнината од Договорот од Лозана ја обвини Атина дека ги прекршила одредбите од договорот за правата на турското малцинство. Муслиманите сочинуваат 32 отсто од населението на Тракија, меѓу кои мнозинство се етнички Турци, Роми и Помаци.
„Невозможно е нашата земја да прифати таква ситуација, која е во спротивност со нашите добрососедски односи и придржување до договорот“, рече Ердоган.
Договорот од Лозана, потпишан во 1923 година од новоформираната Република Турција и сојузниците по Првата светска војна, ги регулираше правата на преостанатите муслимански малцинства во Грција и на христијаните во Турција, по остри конфликти меѓу двете земји и размена на население. Договорот го регулира и владеењето на Грција над островите во Егејското Море во близина на турскиот брег.
Турција неодамна се пожали дека Грција го прекршува Договорот со милитаризирање на тие острови. Грција одговори дека постапува во согласност со меѓународното право и ја брани територијата под постојана турска закана. Односите меѓу двете земји се заладени неколку години. Дури се споменуваше дека пред неколку години германската канцеларка Ангела Меркел спречила војна во последен момент меѓу Турција и Грција.





