Соседите на Шолц нашле тајни документи фрлени од неговата сопруга

По проблемите со истрагата за забавата на неговата партија СПД каде на жени им била давана дрога за сексуална мотивација германскиот канцелар се соочува со нов скандал.



Соседите на брачниот пар Шолц пронашле во ѓубрето тајни документи од Самитот на Г7, кои ги фрлила Брита Ернст, сопругата на германскиот канцелар Олаф Шолц, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Брита Ернст, министерката за образование на покраината Бранденбург, фрлила неколку нацрти и документи на својот сопруг, германскиот канцелар Шолц, објави „Дер Шпигел“.

Меѓу фрлените хартии имало и документи класифицирани како „само за приватно-службена употреба“, кои се однесуваат на карактеристиките на челниците на земјите од Г7 и нивните сопружници.

Документите кои Ернст ги фрлила во ѓубре ги пронашле нивните соседи.

Бидејќи германското Министерство за надворешни работи овие документи ги класифицирало како „само за приватно-службена употреба“, Ернст немала право да ги фрли без нивно прописно уништување.

Во Германија, каде што доверливите документи подлежат на строги правила, документите со печат „за службена употреба“ мора да се уништат за нивната содржина да биде невидлива и неповратна.