Велков: Сите што не веруваат во победа за Македонија да се самоизбришат

Еколошкиот активист и политички аналитичар Крум Велков во текст со наслов ,,ЏАБЕ ВИ Е “ЏАБЕТО”, апелира Македонците да не бидат автодеструктивни и да не шират дефетизам.



Велков е еден од луѓето кои ги предводеа протестите против отворање на токсичните рудници во источна Македонија и успеаја да ја спасат земјата од еколошка катастрофа.

,,Ги замолувам сите оние кои сметаат дека каква било активност, заложба, борба за Македонија била залудна, однапред изгубена, т.е. џабе, љубезно да се самоотстранат од мојот профил. Или, во најмала рака, да се воздржат од таков тип коментари на моите постови, бидејќи јас ќе ги отстранам.

Не се работи за забрана на поинакво мислење, туку за елиминирање на штетен менталитет, кој е наметнат со смртоносна долготрајна антимакедонска пропаганда, која поттикнува автошовинизам и самонегирање, разочарување и пасивност, со цел полесно разнебитување на нашата самобитност и опстој. Тој менталитет е алатка за демакедонизација.

Јасно е дека не сите кои од гнев се подложни на тој менталитет работат свесно на демакедонизација. Но работат несвесно и прават штети. Некои го користат како изговор за тоа што ништо не презеле во нивната себичност. Тие се жртви на истиот, кој ги претворил во флотантна аморфна маса”, порачува Велков кој апелира да се избегнува секаков вид самоомаловажување, погрдни називи за Македонија и Македонците итн.

,,Она што и е најпотребно на Македонија сега е љубовна вибрација, афирмација, реална увереност и непокор. И многу рационалност, за да не правиме грешки во жарот на борбата. Таа пред се е психолошка и мора да се одвива на разни начини и на различни полиња, но мора да однегуваме и култура на таа борба.

Овде повеќе нема место за автодеструкција и автошовинизам (нека ги нема никаде повеќе), а на антимакедонските душмани и предавници, кои ги стимулираат кај вас, со тоа им покажуваме среден прст, на кој читко пишува: Џабе ви е “џабето”, пишува Велков.