„Јас цел свој живот и кариера ги посветив на одбрана на македонските национални интереси и сега, неколку месеци пред пензија нема да дозволам никој да ме замолчи“
Ова во отворено писмо до јавноста го вели претседателот на Македонскиот дипломатски синдикат (МДС), Зоран Дабиќ, кој информира дека добил дисциплинска од Министерството за надворешни работи (МНР) поради тоа што јавно говорел за состојбите во дипломатијата и нејзиното тенденциозно уништување.
Првиот човек на дипломатскиот синдикат го обвинува МНР за насилие, ароганција и заплашување кон него и членовите на Синдикатот.
„Дисциплинската постапка е покрената и покрај тоа што има низа прекршувања во истата на повеќе закони, дури и дел од Уставот на државата, кој толку сакаат да го споменуваат периодов!
Нејсе, ова нека биде мој печат на мојата долгогодишна дипломатска кариера која ќе ја завршам за Македонија! Македонија е наша татковина, земјата моја и на моите деца!
Моите пензионерски денови ќе ги уживам во прекрасните македонски места со убава македонска храна и прекрасни пријатели кои не познаваат вера и нација, туку само убаво поминати денови. Останете ми живи и здрави, секое раководство доаѓа и си заминува, додава Дабиќ во отвореното писмо до МНР на Османи.
Од македонскиот дипломатски синдикат претходно бараа оставка од министерот за надворешни работи, Бујар Османи, поради како што рекоа свесното уништување на македонската дипломатија.
Синдикатот се огради и од од сите активности на министерот Османи околу францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија и почнување преговори за членство на Македонија во ЕУ, а претседателот Дабиќ учествуваше и на протестите против францускиот предлог.







