Чепишевска: „Враќањето на македонскиот јазик во Лондонскиот глобален универзитет е успешна приказна на македонистиката, која продолжува!“

Британци се воодушевени од македонскиот јазик и го изучуваат на одделен курс, на којшто подетално се пренесуваат знаења и за македонската литература и култура. Курсот по македонски јазик веќе три академски години по ред се одржува во Школата за словенски и источноевропски студии на престижниот Лондонски глобален универзитет во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура информира дека деновиве успешно заврши летниот семестар на курсот. Уште еднаш беше потврдена посветеноста на слушателите / студентите во изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура, но и нивната определба да бидат афирматори на македонистиката во Велика Британија. Ваквите форми на настава по македонски јазик, каков што е курсот во Лондон, којшто се одржува во вечерни термини, овозможуваат дополнителна афирмација на македонистиката на реномирани образовни и научни центри во Европа и светот.

„Во изминатиот период настојувавме на секој можен начин да придонесеме за успешноста на курсот, вклучително и преку учебници, односно наставни помагала. Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура ќе придонесе со се што е потребно, за натамошен квалитет на курсот и и за поттикнување на слушателите за нивна натамошна посветеност кон македонскиот јазик. Целта е да продолжи оваа успешна приказна на македонистиката.“ – истакнува директорката на Меѓународниот семинар по македонски јазик МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Таа одделно ги посочува заложбите на професорката по македонски јазик, којашто го држи овој курс и на нашата амбасадорка во Обединетото Кралство. „Враќањето на македонскиот јазик на високообразовна институција во Британија е исклучително значаен чин. Од името на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура морам одделно да ги истакнам заложбите на професорката Ана Илиевска-Завршник, за да се изучува македонскиот јазик и во рамки на вечерните курсеви на Школата за словенски и источноевропски студии.“

Изминативе години во Лондонскиот глобален универзитет преку овој курс се одржаа и настани посветени на македонистиката, меѓу коишто се издвојува одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. Тоа беше и еден од првите настани, со коишто се одбележа големиот јубилеј. Дел од фондот на библиотеката на Школата за словенски и источноевропски студии на Лондонскиот глобален универзитет се бројни книги на македонски јазик, како и книги од македонски автори преведени на англиски јазик, коишто се постојано достапни и за слушателите на курсот по македонски јазик, но и за сите студенти на Школата.