Екс министер на СДСМ: Застрашувачки се преговори со ЕУ по бугарскиот протокол (ВИДЕО)

Поранешниот министер за финансии во владата на СДСМ до 2006 година, професорот Никола Поповски смета дека одлуката на Брисел не е добра и дека формулацијата на Брисел дека преговорите ќе почнат откако ќе се смени уставот е понижувачка.



Според Поповски веројатно, тој нема да се смени до наредните избори.

,,Отпочнувањето на преговорите треба да го земеме условно, освен ако некој во Парламентот не се премисли и да дојдеме до 80 пратеници мнозинство за да се смени уставот. Условите под кои во оваа фаза влеговме, се застрашувачки и понижувачки”, вели Поповски за Трилинг со Горазд Чомовски.

Екс министерот за финансии на СДСМ вели дека под тие услови тој не би ги почнал преговорите. Смета дека работите нема да се сменат, како што не се сменија и откако почна овој процес со Бугарија по потпишувањето на декларацијата за пријателство со Бугарија од 1999.

,,Од тој договор до денес условите само се влошија, Бугарите постојано нешто бараа и во последната рамка имавме се кумулативно. И промена на устав и ревизија на историјата, на нашата генеза како народ и јазикот, на подалечната историја, на образованието и се влезе во таа преговарачка рамка. Успех за државата е ако може да се почнат преговори ако се промени уставот”, вели Поповски.

Уставот нема да се промени и со тоа нема да имаме почеток на преговорите во блиска иднина, вели Поповски.

,,И да се почнат преговори според протоколот, тоа е застрашувачкото за Македонија”, вели Поповски според кого вака лошо испреговаран протокол со Бугарија бил недозволив за преговарачите.

Според него тие што велат дека е почеток на преговорите, сметаат дека проблемите кои ги наметнува Бугарија, ќе успеат да ги надминат и затоа се еуфорични.

,,Бугарите имаат поцврста позиција и во изминатите години ги исполнуваат само своите цели. Уште потешко за нас е што постојано правиме компромиси. Тие на крај излегуваат еднострани и тоа не се компромиси”, вели Поповски.