30-ти ден од протестот на ССМ: Уште чекаат 2806 денари

Од Синдикатот се крајно револтирани што и после 30 дена штрајк на огромен број вработени во јавниот сектор, таа се оглушува на нивните барања и не сака да им ги зголеми платите за 2.806 денари како што бара синдикатот.



„Од 22.06.2022 година повеќе од 138.000 работници се на генерален штрајк во јавниот сектор, кој до денес 22.07.2022 година трае 30 дена и истиот за прв пат и се случува на една Влада поради тоа што таа не ги исполнува ветувањата, ги лаже и ги манипулира работниците во јавниот сектор.

Во Македонија, генерален штрајк на цел сектор кој трае еден месец не се случил, а досега сите претходни Влади имале разбирање за потребите на работниците освен оваа Влада која смета дека работниците за кои таа е надлежна не заслужуваат зголемени плати во оваа пост ковид, енергетска и економска криза“, се вели во дописот до јавноста од Сојузот на синдикатите на Македонија.

Натаму, како што велат, во услови кога минималната плата порасна за 18,6 отсто, кога трошоците за живот ( инфлацијата ) изнесуваат високи 14,5 проценти според официјални податоци, а според неофицијалните податоци и над 20 отсто, кога синдикалната минимална кошничка за преживување на едно четиричлено семејно домакинство за една годината се зголемила за 5.498 денари или 16 отсто, Владата, како што велат од ССМ, смета дека не траба да ги усогласи платите на работниците во јавниот сектор за 2.806 денари и со тоа на солидарен принцип да им излезе во пресрет на работниците барем малку да ги амортизираат зголемените трошоци кои ги осиромашуваат и ги оневозможуваат да го преживеат месецот.

„Оваа Влада за прв пат во историјата со нејзиниот однос ги остава вработените во јавниот сектор сами да се снаоѓаат и да се справуваат со последиците од ценовните шокови, а сега одново им ветува дека доколку преживеат до нова година ќе им биде подобро од јануари.

Доколку Владата смета дека го започнала процесот за пристапни преговори со ЕУ, и укажуваме дека нејзините вработени и пред почетокот на процесот и по почетокот на процесот се еднакво сиромашни, примаат најниски плати во ЕУ и дека Владата не може да очекува дека вработените во управата кои треба да го сработат процесот, се мотивирани со просечна плата од 21.300 денари, а на 96 отсто од нив, платата да им е под просечната плата со која Владата толку се фали.

Дискриминацијата која Владата ја прави кон своите вработенити е негативен пример и не е јасно по кои критериуми Владата цени вработени во одреден сектор повеќе од други, по кои критериуми утврдува дека за некои битни сектори без кои во пандемијата не можеше и беа најмногу изложени како здравство на кои не се предвидени ниту 5 отсто кои им беа ветувани дека ќе ги добијат од септември, полиција со 5 отсто, обрзование 15 отсто, а за останатите вработени во јавен сектор 0 отсто зголемување на плата.

Трудот на работниците во ЕУ се цени, во Македонија не.

Игноратскиот однос на Владата продолжува, но и Генералниот штрајк на работниците продолжува!“, пишуваат во својот жесток допис од ССМ.

За крај, ја потсетуваат Владата дека со својот однос покажува дека не ги цени, ги дискриминира и не води грижа за своите вработени кои се огорчени од таквиот однос, додека претставниците на локалната власт (градоначалници и директори на јавни претпријатија) веќе ги зголемуваат платите за што работниците им се благодарни.