Општините бараат помош за сметките за струја: Владата ги игнорира, а граѓаните ќе трпат

Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) повеќе пати побара од Владата да им помогне во справувањето со енергетската и економската криза, но засега оттаму добиваат празни ветувања и јалови средби, како и обвинувања дека општините нерационално и непотребно ги трошат нивните буџети.



Според прогнозите на бројни аналитичари, како во светот, така и кај нас, економската криза која доведе до рекордна инфлација, особено во Македонија, како и енергетската криза што влијаеше значително на цената на електричната енергија им зададе главоболки на првите луѓе на општините кај нас.

Затоа поставивме прашање во ЗЕЛС, дали и каков план за штедење подготвуваат со цел да не ги оптоварат своите буџети, а тоа да не се рефлектира врз граѓаните со зголемени цени на услугите кои им ги обезбедуваат општините.

Оттаму нè информираат дека ефектите од енергетската криза, особено покачувањето на цената на електричната енергија се покажаа катастрофални за општините. Во таа насока, справувањето со овој предизвик беше една од најдискутираните теми на седниците на Управен одбор на ЗЕЛС од почетокот на оваа година, па до сега.

– Голем број општини уште на почетокот на кризата беа соочени со еднострано раскинување на договорите, што по пат на спроведени постапки за јавни набавки тие ги имале склучено со лиценцирани снабдувачи на електрична енергија. Заради тоа тие беа принудени да користат струја што ја испорачува снабдувач со електрична енергија во краен случај, која се пресметува по пазарна цена зголемена за 50% по мерна единица потрошена електрична енергија. Ова доведе голем број на општини за изминатите месеци да добијат драстично зголемени сметки за струја (улично осветлување, за општинската зграда, за училиштата, градинките …) и тоа дури за пет – шест пати поголеми, во однос на оние од истиот период од 2020 /21 година – ни одговорија од ЗЕЛС.

Според нив некои општини, особено помалите, реагираа дека само со две сметки за електрична струја ќе биде потрошен предвидениот буџет на општината за оваа намена (особено за уличното осветлување) што и во текот на изминативе месеци се потврди во пракса.

– Па за плаќање на сметките се трошат средства од општинските буџети предвидени за други намени, а се почесто се изнесуваат и информации дека до крајот на годинава значителен број на општини во земјава ќе бидат финансиски исцрпени токму поради високите трошоци за електрична енергија, особено што во претходниот период финансиски беа исцрпени и од предизвиците со пандемијата со ковид-19 – посочуваат од Заедницата.

Неколку пати од ЗЕЛС се обратиле до Владата на РСМ со предлог решенија за заемно решавање на овие предизвици. Потоа членови на Управниот одбор од ЗЕЛС имале средба со Премиерот на РСМ и одредени министри, но како што велат се останало на ветувања дека Владата ќе излезе со конкретни предлог модели за поддршка на општините.

– Наспроти тоа, во континуитет следеа јавни обвинувања кон општините, па дури Регулаторна комисија за енергетика се дрзна и ги обвини општините дека се директни виновници за покачувањето на електричната енергија за домаќинствата, што апсолутно беше целосна дезинформација – реагираат од ЗЕЛС.

Заедницата и понатаму смета дека за ова прашање мора да се преговара и да се продолжат разговорите со Владата и да се обезбеди поддршка.

Линк до целиот тескт.