Трајковска: Ќе ни ја објасни некој македонската еднострана изјава за јазикот што денеска беше доставена во Брисел?!

Ќе ни ја објасни некој македонската еднострана изјава за јазикот што денеска беше доставена во Брисел?!, пишува во својот статус на Фејсбук, Жанета Трајковска.



Сфативме дека не е лекторирана и дека е пишувана од чиновник во Владата, оти според начинот на кој е напишана, термините што се користат, незнаењето правопис и кога се користи голема буква, овој текст не го видел македонист, не го видел лектор, не го видел ниту некој со базично знаење правопис и македонски јазик.

Јас вака ја читам, ве молам поправете ме:
– Македонија доброволно го ограничува постоењето на македонскиот јазик на територија на сегашната држава, игнорирајќи ја историјата на Македонија и поделбата на три дела, како и македонскиот народ што живее во Грција, Бугарија, Албанија…
– Македонија доброволно укажува дека јазикот постои само од 1945 година кога е кодифициран, што не е целосно точно (процесот е почнат на првото заседание на АСНОМ на 2 август, кога македонскиот јазик е прогласен за службен јазик во Македонија), а во текстот никаде не е споменат процесот на создавање на македонскиот јазик пред неговата кодификација, небаре не постоел, освен општи флоскули… Ама нашите баби и дедовци зборувале што?! Како се појавил одеднаш во 1945 година македонскиот јазик? Да не го измислиле партизаните и Коминтерната??
Многу би сакала стручна – вистински стручна дебата на македонисти и авторот на оваа изјава. Би сакала да ни се објасни позицијата на македонската еднострана изјава и нејзините последици, бугарската еднострана изјава, нивната меѓусебна корелација и што е тоа што ние сме потврдиле, односно сме се согласиле да потврдиме и да игнорираме со ова парче хартија.
Мерси!, пишува Трајковска.