Ќе бев многу посреќен да можев мојата честитка по повод денешната меѓувладина конференција да ја срочев поинаку. На пример, да посакам среќен почеток и успех на преговорите со Европската Унија, пишува новинарот Бранко Героски во врска со денешнот наводен „старт“ на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
„За жал, не можам. Бидејќи – тоа би било лага.
Денеска Македонија ја подотвори портата на ЕУ, но преговорите за членство ќе почнат – ако почнат – дури по втората меѓувладина конференција, откако оваа или некоја друга влада ќе принесат нови жртви на жртвеникот на софиските негаторски политики кон Македонија.
Така е договорено, за жал. Јас сум убеден дека можело и поинаку, но тие велат дека грешам“, пишува Героски.
(…)
„За жал, моето разбирање за мотивите на луѓето што ја прифатија крајно спорната Преговарачка рамка, уценета со софиските барања, го надмина нужното ниво на толеранција за критиките на овој документ – за конструктивните критики, но и за емотивните критики. И за овие вториве исто така требаше да се има поголемо разбирање. Кога на луѓето им се негира идентитетот, кога им се навредуваат предците, кога им се повредуваат патриотските чувства, тие имаат право да бидат и емотивни, лути и гневни.
Но ете, се трудам да ја сфатам и таа нетолеранција и дрскост. Па си велам, добро, можеби треба да ги разбереме и тие што не ги разбираат чувствата на повредените и на навредените. Можеби тие луѓе имаат право да веруваат дека една посреќна Македонија ќе се роди само откако оваа нашава ќе умре…“ пишува Героски.







