Рускиот гасен гигант Газпром се повика на „виша сила“ за испорака на гас на најмалку еден голем клиент во Европа, објави Ројтерс кој имал увид во писмо испратено на 14 јули од компанијата.
Во документот се наведува дека Гаспром, кој има монопол на извозот на руски гас преку гасоводи, не може да ги исполни своите обврски за испорака поради „вонредни околности“ кои се надвор од негова контрола.
Писмото најверојатно се однесува на гасоводот „Северен тек 1“ – главна рута за снабдување на Германија и пошироко.
Правно дефинирана како „божји чин“, одредбата за виша сила е стандардна во бизнис договорите и се користи да означи вонредни околности кои служат како изговор за една од странките во договорот за исполнување на своите правни обврски.
Повикувањето на „виша сила“, веројатно дополнително ќе ги влоши тензиите меѓу Русија и Западот.






