Павлопулос како Караманлис: Има само една Македонија и таа е грчка

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос го искористи и денешното одбележување на 105-годишнината од ослободувањето на гратчето Шатиста од регионот на Кожани за да се обрати со остар тон кон Република Македонија.
„Денешната годишнина ни овозможува да си припомниме на сите значајни битки на луѓето од Шатиста. Тука посебно ја имам на ум историјата на Македонија. Повторувајќи ги зборовите на големиот македонски лидер Константинос Караманлис, има само една Македонија и таа е грчка. Тие што ја игнорираат оваа документирана вистина не само што ја менуваат историјата, туку го поткопуваат и сопствениот европски курс, со оглед на тоа што ЕУ не толерира манифестации на иредентизам и оспорување на статус-квото на границите“, рече Павлопулос.
Во продолжение директно обраќајќи му се на северниот сосед, шефот на грчката држава ги повтори своите добро познати ставови.
„Ја повикуваме БЈРМ да ја напушти својата позиција што им штети на нејзиниот меѓународен имиџ и на нејзината европска ориентација со искривувањето на историјата. Напротив, нека ги почитува меѓународното и европското право во целина, бидејќи е јасно дека сè додека инсистира на употребата на името, кое не само што претставува провокативно нарушување на историјата, туку исто така покажува иредентизам, ја поткопува својата европска перспектива“, изјави Павлопулос.