„Правам се што е можно за да ги зголемам доставките на нафта во САД“, изјави американскиот претседател Џо Бајден, цитиран од АП, по состанокот со властите на Кралството Саудиска Арабија,
Според Бајден, Ријад се согласил дека работата е итна, а американскиот претседател очекува дополнителни чекори од Саудиска Арабија во наредните недели.
Во заедничката американско-саудиска изјава објавена на веб-страницата на Белата куќа се вели дека Ријад е посветен на „балансирање на глобалниот пазар на нафта за одржлив економски раст“.
„САД го поздравија зголемувањето на производството на нафта од 50 отсто во споредба со планираните количини за јули и август. Овие и други чекори што ги очекуваме во наредните недели ќе помогнат значително да се стабилизираат пазарите“, соопшти американската администрација.
Бајден пристигна во кралството како дел од неговото четиридневно патување на Блискиот Исток. Тој се сретна со саудискиот крал Салман бин Абдулазиз ал Сауд и престолонаследникот Мохамед бин Салман ал Сауд.







