Пратениците на ЛДП ќе застанат зад СДСМ за францускиот предлог

Двајцата пратеници од редовите на ЛДП, Моника Зајкова и Бобан Мојсовски, ќе гласаат „за“ францускиот предлог на собраниската седница, дознаваат медиуми.



Во соопштението од ЛДП се наведува дека поаѓајќи од стратешките и националните интереси за членство на Република Северна Македонија во ЕУ, ЛДП недвосмислено се залага за целосно полноправно членство на нашата земја во Европската Унија, со сите свои културни, јазични, историски и идентитетски особини, како и сите други 27 земји членки на Унијата.

„ЛДП смета дека од преговарачката рамка мора да се изостават сите евентуални билатерални прашања наметнати од Бугарија и секој обид за вметнување такви прашања е неприфатливо и ЛДП нема да поддржи било каков напор од таква природа.

За ЛДП, билатералните записници (протоколи) кои ги потпишуваат Република с.Македонија и Република Бугарија ќе бидат обврзувачки за двете држави, не смеат да се однесуваат на евроинтегративниот процес и сите прашања мора да се усвојат со апсолутен консензус, билатерален, и домашен.

ЛДП се залага на првата Меѓувладина конференција да се усвои преговарачката рамка, со што ќе почнат пристапните преговори, скрининг процесот, а потоа и отворање на поглавјата.

Бараме од Владата на Република Северна Македонија континуирано да го информира Собранието на Република Северна Македонија за конечната усогласена Преговарачка рамка и другите документи кои што ги усвојува Советот на ЕУ, како и за целиот процес“ се наведува во заклучоците од ЛДП.