Театарскиот режисер, некогашен член на раководството на СДСМ и поранешен извршен директор на фондацијата „Отворено општество Македонија“, Владимир Милчин, смета дека во периодот во кој се удира врз македонскиот идентитет шеф на македонската дипломатија не требало да биде Албанец, во случајов Бујар Османи.
„Ќе беше попаметно во овој период министерот за надворешни работи да не биде Албанец, зошто ова раѓа лоши енергии и сомнежи. Немаше потреба. Поарно ќе беше да биде Македонец. Тогаш несакањата, омразите итн. не би отишле на етничка мета. Ова е лошо и ќе има лоши последици“, изјави Милчин во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа ТВ.
„Не мислам дека некој можел случајно да го направи ова. Не ми е потребна конспирација ако кажам дека, ако ништо друго, во најмала рака тоа не го домислил. Нема чувство, нема политичка мудрост во тоа. Не придонесувај за разгорување на омрази. Избегни го тоа. За мене, тоа е прашање на одговорност на мандатарот, без оглед на тоа колку тој е вистинскиот мозок на целата оваа операција. Тоа е неодговорно“, додаде тој.






