Уапсен е Даниел Иванагиќ, хрватски државјанин, косопственик на компанијата „Интерхолдинг“, која се споменува во случајот со притворањето на поранешнииот генерален секретар на Владата Мухамед Зекири и „Македонска пошта“.
Иванагиќ, по кого беше распишана меѓународна потерница е уапсен на граничен премин при обид за влез во Словенија , објави еспресо.мк.
Тој е притворен по налог на македонските власти и се чека на негова екстрадиција во Македонија.
Тој и основачот на „Интерхолдинг“, Денис Фудуруќ, по кого сè уште се трага, се осомничени во случајот на поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири кој од нив, според македонското Обвинителство за гонење на организиран криминал и корпуција, нарачал изработка физибилити студија за реструктурирање на „Македонска пошта“.
Зеќири, според Обвинителството, ги исплатил парите, без „Интерхолдинг“ да мине на тендер, но поранешниот генерален секретар на Владата негира дека има злоупотреба на службената положба во случајот за кој се товари.
„Со преземените дејствија, осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист, а на штета на Буџетот на Република Северна Македонија, во вкупна вредност од 57.932.100,00 милиони денари, износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, беше наведено во соопштението на Основното јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Во отсуство на Иванагиќ, судија на претходна постапка пред три месеци, одреди мерка притвор која требаше да се активира по неговото пронаоѓање.







