Сценаристот Божидар Божиновски ја коментира едногласно прифатената бугаризација на Македонија со францускиот предлог од Централниот одбор на СДСМ, обраќајќи им се на „другарчињата“, а посебно на нивните пратеници.



„’Централниот одбор на СДСМ го прифати францускиот предлог’

Другарчиња од СДСМ, посебно пратениците, не верувам дека ова ќе стигне до вас, но состојбата е очајна, а очаен човек се фаќа за сламка. Еднаш во животот бидете прво Македонци, па потоа партиски пратеници. Ова предавство, не се сомневајте дека е нешто друго освен тоа, не смее да помине, а ако помине, ќе бидете запишани на истите страни во историјата со фашистичките соработници, со крвниците кои ги убија младите во Ваташа, со контрачетите кои ја набија на кол главата на Дуња, со оние кои ги убија Страшо, Димов, Стив, Корчагин, Циривири, со оние кои го предадоа Гоце. Тоа ќе ви е дамка што ќе се влече со генерации, тој потпис ќе остане и за внуци и правнуци, овде уште се памти кој бил партизан кој бил соработник.

Во име на партијата ќе укинете народ, ќе укинете држава. И сигурен сум дека притисокот е огромен – некаде со сила, некаде со ветувања кои звучат како да сте фатиле златна рипка. Верувам дека гледате какви оркестрирани напади се вршат кон сите ваши кои застанаа против предлогот. Најдолни и најмизерни, за жал, дотаму дозволивте да ви стигне партијата. Ако речете ‘не’, сигурно и на вас ќе удрат. А, сепак, правдината ќе е на ваша страна. А тоа ниедна фабрика на ботови не може да го победи. Народот ќе е на ваша страна. Малку храброст да се направи вистинската работа ќе ве внесе во историјата како победници! Земете ја партијата во свои раце од оние кои ја укинуваат Македонија. Потоа ќе биде доцна и за каење…“, им порача Божиновски на сдсмовските пратеници пред собраниската седница в четврток, на која ќе се расправа за бугарскиот предлог прифатен и промовиран од францускиот претседател Емануел Макрон.