Министерката за надворешни работи Теодора Генчовска упатила протестна нота до Скопје поради наводно навредливи антибугарски пароли од двенеделните протести во Македонија против францускиот план за решавање на билатералните односи со Бугарија.
Јавноста не знае точно за каков говор на омраза се работи затоа што не се наведува ниту еден пример.
Во информацијата за демаршот од бугарското министерство за надворешни работи до Министерството за надворешни работи на Северна Македонија се вели дека причина за нотата се многубројните пораки и пароли насочени против Бугарија.
,,Употребата на говор на омраза значително се зголеми во текот на втората недела од протестите во Скопје против т.н Француски предлог за почеток на преговори за членство во ЕУ.
Особено загрижувачки е што злонамерните дела на јавниот простор ескалираат во време кога Софија и Скопје активно бараат начин за конструктивен дијалог и изнаоѓање трајни заеднички прифатливи решенија во интерес на евроинтеграциите на Скопје”, се вели во реакцијата на Софија.
Веруваме дека ваквите настани ќе станат дел од минатото, а нашите две земји ќе можат да отворат нова страница во односите, засновани на меѓусебно почитување и искрено пријателство, наведуваат и од бугарското МНР од каде не кажуваат точно кои пароли и пораки на протестите се сметаат за антибугарски говор на омраза.






