Проблемите за евроинтеграцијата на Македонија не се во Софија туку во Скопје, каде што не се спроведени неопходните реформи на активностите наследени од југословенското тоталитарно минато, пишува во Апелот за правда во името на вистината за Бугарите и иднината на Западен Балкан, инициран од Здружението „Потомци на бегалци и иселени од територијата на Северна Македонија и пријателите“.
Како што објави БГНЕС, на апелот се потпишани 75 потомци на видни Бугари од сите краишта на Македонија и водечки интелектуалци кои велат дека сите бугарски граѓани сакаат Македонија да стане членка на ЕУ, но „не можат да ги прифатат фалсификатите поврзани со заедничкото бугарско културно-историско наследство до 1945 година“. Според нив, тие фалсификати се наложени од носителите на македонизмот како творба на Коминтерната и на југословенскиот комунистички режим како државна доктрина, која што е антиевропска и антинатовска.
Апелот бил испратен до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, до претседателите и премиерите на двете земји, како и до амбасадорите на ЕУ и на САД во Бугарија и во Македонија.
Во текстот, освен што стои дека сакаат Македонија и Албанија да започнат преговори, наведени се и, како што се наведува, причините за загриженост.
-Неисполнување на Договорот за пријателство, тенденциозно само од македонска страна.
-Фактот дека на Пописот во 2021 во Македонија 120.000 граѓани не се посетени од попишувачите, а „службено“ само 3.504 лица се преброени како Бугари.
-Работата на Мешовитата историска комисија три години не дава резултати по вина на македонските претставници.
-„Месецот на македонската култура“ во САД, во септември годинава, за чие одржување се бара поддршка од американскиот Конгрес, има за цел да ја обесмисли прославата на 100-годишнината од формирањето на Македонската политичка организација (МПО) во САД, Канада и Австралија создадена уште во 1922 година и е олицетворение на заедничкото бугарско културно-историско наследство, а таканаречената организација Обединети Македонци ќе го претставува како „македонско“, а тие се формирани на крајот на 50-те години во САД и Канада по иницијатива на Југословенската комунистичка партија со цел да се спротивстават на дејноста на автентичните македонски патриотски организации.
Во Апелот, меѓу другото, се вели дека не можат да го прифатат јазикот на омраза кон сѐ што е бугарско од 1945 до денеска, а го има во учебниците по историја, во медиумите и во државните институции, а во последниот месец го користи и целата ЕУ.
Исто така, потписниците велат дека не можат да прифатат да се уништуваат споменици поврзани со минатото на нивните предци, да се фалсификуваат творби од заедничкото бугарско литературно наследство и да се објавуваат како македонски, потоа да се фалсификуваат животот и делото на историските личности од заедничкото минато од Средновековието до 1945.
Потписниците не се согласуваат, како што велат, северна Македонија да има монопол врз целата географска област Македонија од која што делови се наоѓаат во четири држави.
„Северномакедонската нација и северномакедонскиот јазик и култура се идентитет само на дел од луѓето кои живеат на територијата на бившата југословенска Социјалистичка Република Македонија, но тој идентитет не е на македонските Бугари – над 1,3 милиони граѓани на Бугарија со корени и врски со луѓето од Вардарска, Пиринска и Егејска Македонија“, пишува во текстот на Апелот.
Откако изнесуваат серија обвинувања и забелешки, потписниците велат дека се убедени дека Македонија треба и може да стане „нормална европска држава, достојна членка на една цивилизирана и демократска заедница каква што е ЕУ, но условот за тоа е да се изврши реална декомунизација на режимот во Скопје“.





