Франција ќе се преориентира кон мазут ако целосно секне рускиот гас

Енергетските компании во Франција подготвуваат акциони планови во случај на прекин на испораката на руски гас и спремаат преадаптација на капацитетите да работат и на мазут, објавија медиуми, цитирајќи учесниците на конференцијата „Економски состаноци“ .



„Она што ќе го направивме е да ги адаптираме нашите котли да работат и на гас и на мазут, а доколку е потребно, можеме дури и да се префрлиме на јаглен“, рече извршниот директор на „Мишелин“, Флорент Менего.

Францускиот министер за економија и финансии Бруно Ле Мер, кој зборуваше на конференцијата, рече: „Ќе се подготвиме за целосен прекин на испораките на руски гас, ова е најверојатната опција денес. Тоа значи дека ќе ја забрзаме нашата енергетска независност“.

Француската министерка за енергија Агнес Паниер-Рунаше, исто така, предупреди дека е неопходно да се подготви за целосно прекинување на испораките на руски гас.

„Мораме да го прифатиме најлошото сценарио бидејќи тоа постои. Во секој момент Русија може целосно да го прекине снабдувањето со гас“, рече таа во интервју за весникот „Фигаро“ објавено во неделата.

Франција не добива природен гас од Русија преку гасовод од 15 јуни, откако рускиот енергетски гигант Гаспром оваа недела предупреди дека нагло го намалува снабдувањето во Европа преку гасоводот Северен тек 1 поради ремонт кој ќе трае 10 дена.