Во Германија расте стравот од претстојната зима поради недостигот на руски гас, посебно поради неизвесноста дали по прекинот на испораките поради ремонт на гасоводот „Северен тек 1“, Русија повторно ќе извезува гас.



Сè повеќе германски градови формираа кризни штабови и развиваат планови за итни случаи, кои предвидуваат и хали во кои ќе може да се греат граѓаните што повеќе нема да можат да си дозволат да плаќаат за парно.

„Се подготвуваме за есента и за зимата за сите можни сценарија“, изјави градоначалничката на Лудвигсхафен, Јута Штајнрук.

Нејзиниот град ја испланирал за греење на граѓаните салата „Фридрих Еберт“, која се користела за изложби, спортски натпревари и слично. За време на пандемијата од коронавирус таа беше претворена во центар за вакцинација, а ако има потреба ќе биде и сала за греење за сите оние кои немаат пари да платат за затоплување на домовите.

Вакво „колективно греење“ планираат и градовите Нојштад, Франкентал и Ландау.

Покрај тоа, многу градови планираат да заштедат енергија со исклучување на осветлувањето во јавните згради или ноќе, дури и семафорите.

Во Диселдорф властите најавија дека ќе го намалат парното во есен и во зима, а во текот на летото ќе апелираат до населението помалку да користи климатизери.

Во Рендсбург веќе го откажаа лизгалиштето на божиќниот пазар поради можен проблем со струјата.