Францускиот претседател Емануел Макрон, деновиве актуелен во Македонија со т.н. француски предлог, како и поранешната еврокомесарка Нели Крос, ѝ помогнале на контроверзната такси компанија „Убер“, објави Би-Би-Си.



Илјадници протечени фајлови, кои се однесуваат на периодот од 2013 до 2017 година, открија како „Убер“ им се „додворувал“ на влијателни политичари и колку далеку отишол за да ја избегне правдата.

Според Би-Би-Си, фајловите на „Убер“ покажуваат дека Макрон бил во контакт со основачот на компанијата, а Крос тајно лобирала за неа.

Додека француските таксисти организирале понекогаш насилни протести против „Убер“, Макрон – сега претседател – бил во контакт со контроверзниот шеф на „Убер“, Тревис Каланик, кому му рекол дека ќе ги реформира законите во корист на компанијата, се вели во текстот.

Париз беше сцена на европското лансирање на „Убер“ и наиде на силно противење од такси индустријата, што кулминираше со насилни протести на улиците.

„Во август 2014 година, амбициозниот поранешен банкар по име Емануел Макрон тукушто беше назначен за министер за економија. Тој го гледаше ‘Убер’ како извор на раст и на многу потребните работни места и работеше да помогне“, објаснува Би-Би-Си, според кој во тој октомври Макрон одржал состанок со Каланик и со други директори и лобисти, што го означило почетокот на долгата и контроверзна одбрана на интересите на компанијата.

Лобистот на „Убер“, Марк Мекган, го опиша состанокот како „спектакуларен“.

„Со еден збор: спектакуларно. Каков што досега не сум видел“, напиша тој во е-пошта објавена од Би-Би-Си. „Наскоро ќе танцуваме“, додаде Мекган.

Во писмото од „Убер“ до Макрон се вели дека компанијата е „исклучително благодарна“.

„Отвореноста и добредојдето што ги добиваме се невообичаени во односите меѓу Владата и бизнисот“, пишува „Убер“.

Документите, како што е наведено, покажуваат дека Макрон и Каланик се сретнале најмалку четири пати – во Париз, во Давос, во Швајцарија – а била пријавена само средбата во Давос.

Француските таксисти беа особено налутени од лансирањето на „УберПоп“ во 2014 година – услуга која им овозможи на возачите без лиценца да нудат возење по многу пониски цени. Судовите и парламентот го забранија, но „Убер“ продолжи да работи бидејќи го оспоруваше законот.

Според Би-Би-Си, Макрон не мислел дека има иднина за „УберПоп“, но се согласил да работи со компанијата за да ги преработи француските закони кои регулираат други услуги.

„’Убер’ ќе обезбеди нацрт-регулаторна рамка за споделување на возењето. Ќе ги поврземе нашите тимови за да почнат да работат на изводлив предлог што може да стане формална рамка во Франција“, се вели во е-поштата на Тревис Каланик до Макрон.

Протестите станаа насилни на 25 јуни 2015 година, а една недела подоцна Макрон му испрати порака на Каланик со, како што вели, очигледна понуда за помош: „Ќе ги соберам сите следната недела да ја подготват реформата и да го поправат законот“.

Истиот ден, „Убер“ објави суспензија на „УберПоп“ во Франција.

Неколку месеци подоцна, Макрон потпиша декрет за олеснување на барањата за лиценцирање на возачите на „Убер“.

Датотеките на „Убер“ содржат повеќе од 124.000 записи – вклучувајќи 83.000 и-мејлови и 1.000 други фајлови, вклучително и разговори, од 2013 до 2017 година.

Би-Би-Си истакнува дека документите откриваат како лобирањето од 90 милиони долари годишно и напорите за добри односи со јавноста „регрутирале“ пријателски настроени политичари за да ѝ помогнат на кампањата на „Убер“ да ја „размрда“ европската такси индустрија.

Британскиот јавен сервис потсетува дека во тоа време „Убер“ не беше само една од најбрзо растечките компании во светот, туку и една од најконтроверзните – придружена со тужби, обвинувања за сексуално вознемирување и скандали со злоупотреба на податоците.