На реакцииите на опозициските партиии дека во Собранието воопшто не е стигнат францускиот предлог, туку само еден лист хартија – информација за преговарачка рамка, спикерот Талат Џафери во изјава за МИА вели дека сите документи се веќе јавно достапни на веб-страницата на Владата, во оригинал, и преведени на македонски јазик, секој може да ги види, па не се очекува тој да ја врати Информацијата до Владата.
Партиите ВМРО-ДПМНЕ и Демократски сојуз бараат претседателот на Собранието Талат Џафери да ја врати до Владата Информацијата за францускиот предлог, бидејќи не содржи ниту еден документ. Тие бараат Владата да ги испрати до Собранието сите документи, вклучително и преговарачката рамка, а Џафери да не го девалвира Собранието и без целиот пакет документи да не закажува седница за францускиот предлог.
„Владата дрско сокрива документи од исклучителна важност, со што само ја зголемува нашата загриженоста дека се што е договарано и договорено е на директна штета на Македонија и на македонскиот народ.
Особено загрижува што во Владата изостана храброста доставениот матријал да биде проследен и со потребното Мислење. Односот на Владата кон ова прашање е таа да нема ниту став, ниту мислење, што самото по себе претставува голем срам и за Владата и за Собранието и за самата држава“, реагираат и од Социјалистичката партија.
Но, и помалите владини партнери сметаат дека е недозволиво тоа што Џафери прифатил само еден лист хартија од Владата.
Џафери во понеделник на редовната координација, но и во присуство на вицепремиерот за евроинтеграции Маричиќ ќе одлучува кога ќе биде свикана седница за парламентот да расправа по Информација од Владата за преговарачката рамка поврзана со францускиот предлог.
За одлуката кога ќе биде седницата Џафери вели ќе се правела посебна проценка. Тој не исклучува доколку е потребно дури да биде прекината и 5 дневната дискусија за ребалнсот на буџетот која почнува во понеделник.
Извори од власта пак, коментираат дека отворена е опцијата сепак, оваа Информација да биде ставена како точка на дневен ред и на седницата на парламентот закажана за 19 јули, кога тензиите во јавноста поради летните одмори се очкува да бидат помали.






