Котлар и одговори на Брнз: Овде сме родени, ќе умреме тука

Професорката Наташа Котлар Трајкова одговара на писмото од американската амбасадорка Кејт Мери Брнз во кое таа бара Македонците да го прифатат францускиот предлог.



Контрааргументите на Котлар во продолжение:

Почитувана госпоѓо Брнз!

И ние Македонците отворено ви одговараме дека нашата земја не е „Вашата земја“, туку е МАКЕДОНИЈА! „Северна“ знаете и самите дека е резултат на нелегални и нелегитимни, политички постаки, на странски и домашни фактори!

Добивме октроирана власт, која ја погази граѓанската волја за непромена на ИМЕТО, беа донесени (не)уставни амандмани, доживеавме кршење на човековите права, видовме политичка и лична дрскост. Република Македонија институционално е нападната, на нејзината територија има власт која само се представува од името на државата „Република Северна Македонија“.

Но, македонската држава е резултат на антифашистичката борба на македонскиот народ и на другите народности, кои не стрепеа да му се спротивстават на фашизмот, кој зачекори минатиот век и направи пустош во светската цивилизација. Затоа АСНОМ, ние го браниме и го чуваме, а вие како гостинка (стратешка) треба да го почитувате! Затоа, немојте да ни нудите нешто што е против самите нас и нашата душа и да ни го претставувате, како т е х н и к а во политичката комуникација и однесување. И самите знаете, дека не е така!

А, ние сме доволно писмени и разумни, да согледаме што претставува овој „француско-бугарски“ предлог! Тој претставува физичко и духовно убиство на Македонците и на нивната опстојба. Ние мора да се избориме за нас самите, немојте да не браните! Ве потсетуваме дека од почетокот на овој 21-ви век ние, Македоците, преживуваме, Херкуловски преминуваме низ многу „стратешки, добронамерни“ договори, преговори, ултиматуми – мистификации од највисок ред, демагогија, внатрешни драмолетки и меѓународни сценски настапи закитени со признанија за ѓоа „мир и безбедост“!

Козеријава добива катастрофални размери! Убаво напишал своевремено, нашиот поет, кодификатор на македонскиот јазик и академик Блаже Конески: „како се измеша веков, косата да ти се крене!… Како да не бидам тажен штом гледам што е нашево сега, нашено минато“. Затоа, госпоѓо ние се бориме за нашите, македонски интереси – да сме свои на своето, туѓото не ни треба, но нашето не го даваме, ни за „отварање на преговори“ со ЕУ за членство!

Тука сме родени, ќе умреме тука!

Реакциите на објавите на медиумите за писмото од Брнз донесоа десетици илјади негативни коментари за амбасадорката.

Овие се само од нејзиниот Твитер профил

НЕ, доста е и навреди за Брнз: Амбасадорката на САД ја загуби пресметката кај ,,Твитер коралот”