Граѓаните блокираа патишта низ државава во знак на протест против францускиот предлог. Демонстрантите поддржани од ВМРО-ДПМНЕ и Левица цел час го блокираа патот Прилеп-Плетвар, Радовиш-Струмица, Штип-Велес како и крстосницата пред Владата. Во знак на поддршка на демонстрантите, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки изјави дека власта е должна да го слушне барањето на народот.
По блокирањето на патиштата, реагираа од МВР, кои велат дека е незаконски да се блокираат автопати и магистрални патишта.
„Најавено е и блокирање на автопати и магистрални патишта, патот кон Прилеп, патиштата од Радовиш до Струмица и од Штип до Велес, што е спротивно на обврските што ги потенцира законот“, соопштија од МВР.
Организаторите на протестите соопштија дека вечерва и утре нема да одржуваат собири во вечерните часови поради празникот Бајрам, но на улица повторно ќе излезат во недела во 19 часот.





