„Скопско ехо“: „Пратениците да размислат дали со предлогот се губат македонската самостојност и самоопределувањето“

„Сега е пред пратениците предлог-преговарачката рамка за Македонија со ЕУ, со која се предвидува давање ‘датум’ на нашата држава, а со која, всушност, и се даваат на Бугарија многу датуми кога ќе може да и наредува на Македонија. Пратениците треба да размислат дали со прифаќање ваков предлог се отвора можноста за целосно губење на македонската самостојност и право за самоопределување.“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „Дали пратениците на СДСМ ќе ги послушаат 72,8 отсто од Македонците?“.

„Скопско ехо“ пишува: „Владата деновиве решително го поддржуваше францускиот предлог со најави дека ќе го прифати, ама сега и решително реши за негово прифаќање решение да донесат парламентарците, а не министрите сосе премиерот. Предлогот е жежок костен, кој го дадоа на повеќе раце да го ‘носат’.“

„Што е најважното, на што народните избраници треба да мислат пред да донесат став, кој ќе се одрази врз иднината на целата држава?“

„Како прво, да размислат сериозно и трезвено: дали со прифаќање ваков предлог се отвора можноста за целосно губење на македонската самостојност и право за самоопределување?“

„Како второ, да размислат за тоа дека убедливото мнозинство на Македонците не го прифаќа почеток на преговори со ЕУ, ако услов за тоа е прифаќање на францускиот предлог. Дури 72.8 отсто од етничките Македонци опфатени со анкета одговориле – НЕ за предлогот.“

Има и трето и четврто и петто за сериозно размислување, но овие две работи се доволни за почеток. Пратениците се на потег. Особено оние од владеачкото мнозинство. Ќе бидат ли гласачка машина на Владата или ќе мислат? Има ли загриженост во пратеничката група на владеачката СДСМ од францускиот предлог? Нема ли таму пратеници, кои што мислат – кои што стравуваат слично како мнозинството од граѓаните на Македонија?“

„Од оние 72,8 отсто од Македонците, кои кажаа НЕ, сигурно има и нивни гласачи, па и роднини, пријатели… Ќе го послушаат нивниот став или…?“