Аргентинската влада соопшти дека добила официјална поддршка од Кина во врска со барањето на земјата да се приклучи на групата БРИКС.



Тој блок го сочинуваат Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка.

Аргентинскиот министер за надворешни работи Сантијаго Кафијеро се сретна со својот кинески колега Ванг Ји на состанокот на дипломатите на Г-20 во Индонезија, каде што беше официјализирана оваа поддршка, се вели во соопштението на аргентинското Министерство за надворешни работи, пренесува Ројтерс.

БРИКС се смета за моќен блок на земји во подем кој му конкурира на Западот. Аргентина е главен извозник на соја, пченица и пченка.

Претседателот на Аргентина, Алберто Фернандез претходно најави дека земјата, која се бори со економска криза, висока инфлација и слаби девизни резерви, сака да се приклучи на групата БРИКС. Овој процес бара поддршка од членовите на оваа група.

Кина има убедливо најголема економија во БРИКС, со удел од над 70 отсто од вкупната економска моќ на блокот, чија вредност се проценува на 27,5 трилиони долари.

Индија има удел од околу 13 отсто, а Русија и Бразил по околу 7,0 отсто, покажуваат податоците на ММФ.

Земјите од БРИКС сочинуваат повеќе од 40 отсто од светското население и околу 26 отсто од светската економија, додава британската агенција.