Застрелан е поранешниот премиер на Јапонија, Шинзо Абе, додека држел говор во градот Нара во западниот дел на Јапонија.
Абе беше примен во болница, а лекарите потврдија дека поранешниот премиер бил застрелан во грб од 3 м.
Поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе е во „состојба на кардиопулмонален застој“, соопштија болнички извори. Тоа може да значи дека е во клиничка смрт, но се уште не е потврдено.
Нападот се случил во Нара, западна Јапонија. Според новинската агенција Кјодо Цушин, маж го застрелал Абе двапати во грб со пушка.
На телевизиските снимки се гледа како Шинзо Абе паднал на улица додека неколку чувари трчаат кон него. Абе се фаќа за гради пред се онесвести, а кошулата е извалкана со крв.
Полицијата уапсила осомничен маж на местото на настанот поради сомнение за обид за убиство. Тој беше идентификуван од полицијата како Тецуја Јамагами, 40-годишен жител на Нара.
Тој не се обидел да избега откако го застрелал Шинзо Абе и бил фатен од полицијата.
Ова е огромен шок за народот на Јапонија – земја во која поседувањето оружје е многу ограничено, а насилството во политиката речиси и да не постои, истакнува Би-Би-Си.
Абе двапати беше премиер и на крајот ја држеше функцијата подолго од кој било друг јапонски премиер. Шинзо Абе (67) поднесе оставка од функцијата премиер во 2020 година, но остана влијателна личност во јапонската владејачка Либерално-демократска партија.







