МВР вчера објави дека синоќа во 20.10 часот пред банка спроти споменот Скендербег, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Е.Ј.(40) од Скопје, кој претходно испукал со пиштол во воздух, додека група демонстранти, кои се движеле на потегот од Владата на Република Македонија кон Министерството за надворешни работи, го нарушиле јавниот ред и мир со фрлање со камења кон група граѓани.
Според соопштението Е.Ј. е приведен во полициска станица, а на местото се пронајдени чаури. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
МВР не прецизира кој од најмалку двајцата луѓе кои се снимени со оружје е приведен кај Скендербег ниту дали приведеното лице со иницијали Е.Ј. е истото кое јавноста го препозна како Цуфи Кока.
Некои медиуми јавуваат дека имало тројца вооружени лица пред Скендербег но МВР не кажува ништо за нив. Носење оружје на јавно место е тешко кривично дело.
МВР во друго соопштение ги демантира тврдењата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека полицијата не била присутна и не реагирала при инцидентот кај споменикот Скендербег.
,,Напротив, полицијата беше на лице место, во истиот момент реагираше и го спречи насилството, а едно лице веднаш беше приведено кое е осомничено за пукање од огнено оружје.
За време на протестите полицијата е целосно на ниво на задачата и апелираме партиите да престанат со дезинформации.
Во видеото во прилог точно се гледа колку брзо повеќе од десет припадници на полицијата реагираат и спречуваат поголем инцидент”, се вели од страна на МВР.
Новинари од медиумите на албански јазик тврдат дека на плоштадот Скендербег во моментот на инцидентот имало само четворица полицајци.





