Македонската тениска надеж Калин Ивановски се избори за место меѓу осумтемина најдобри на Вимблдон во јуниорска конкуренција со триумфот од 6-4, 5-7, 6-0 над осмиот носител Едас Бутвилас од Литванија, шампион во двојки на јуниорските Ролан Гарос 2022 и Австралија опен 2021!
Во двочасовниот дуел на гренслемот на трева 18-годишниот скопјанец забележа 48 винери наспроти 35 на противникот, искористи 5 од 13 брејк-топки, имаше реализација од 73 проценти на прв сервис (36/49), 56 отсто на втор (20/36) и 60 отсто на мрежа (26/43).
Противник на Ивановски во четвртфиналето ќе му биде победникот од мечот меѓу 14. носител Бор Артнак од Словенија и Педро Роденас од Шпанија.





