Започнува распадот на македонската држава и создавањето на новите „Курди на Балканот“ – ќе го дозволат ли Македонците тоа?

Пишува: Свето Тоевски, магистер по политички науки

Потпишувањето на протоколот поврзано со „францускиот предлог“ е претпоследната фаза од распадот на оваа држава. На нејзиното место, на некогашната македонска територија ќе се инсталираат две нови привремени државни единици; едната која ќе биде припоена кон Бугарија, а другата или кон Албанија, или поверојатно кон Косово. Меѓународните центри на геополитичката моќ, вклучително и Европската Унија, веќе донесоа одлука за престанок на постоењето на „северна“. Дотука била нејзината употребна вредност.

Последниот чин на македонската државно-идентитетска драма ќе биде изгласувањето на промените на Уставот, во кој на оваа територија отсега па натаму ќе постојат само два државотворни народа: Бугарите и Албанците. За Македонците е веќе одлучено да бидат избришани како државотворен народ, сосе нивната историја, идентитет и јазик. Со согласност на Европската Унија и другите центри на геополитичката моќ, претстои распадот на втората држава на европскиот континент: „Република ‘северна’ Македонија. Веќе се направени и првите пресметки дека СДСМ и сите албански партии, наводно имаат 75 пратеници и оти им недостигаат уште само петмина, па да се закове последниот клинец во „мртовечкиот сандак“ на Македонија како држава и на Македонците како народ, кој некогаш постоел на овие балкански простори.

Првата држава е веќе распадната, тоа е Украина. Фактот што Сирија ги „признала“ „Луганската“ и „Донецката Република“, покрај Руската федерација, дословно значи дека веќе започнало менувањето на границите на и во државите во Европа. Велејќи го тоа, авторот на овие редови не зазема никаков апсолутно став во врска со случувањата во Украина, туку се концентрира само на Македонија и нејзината судбина. Значи, дословно дека сега редот и доаѓа и на „Република ‘северна’ Македонија“. Следното цепење граници во секој момент треба да започне на територијата на некогашната Република Македонија под превезот на фантомските евроинтеграции. Во таа функција е и денешното доаѓање на Шарл Мишел од ЕУ во Скопје.

Државотворноста на еден народ само по себе значи, според одредбите на меѓународното право, дека тој народ има право на формирање своја сопствена држава и на отцепување од одредена државна заедница, ако опстојувал во нејзини рамки. Албанците веќе имаат свој референдум за прогласување на „политичко-територијалната автономија“ во северозападниот дел на Македонија. Тоа е така наречената „Република Илирида“. Во оваа „државотворна активност“ настапува обединет регионалниот албански политички фактор со ДУИ во главната улога. Апсолутно не е случајно, нималку, што е токму Бујар Османи министер за надворешни работи на оваа квазидржавна творба „северна“.

По заедничката седница на владите на Албанија и Косово, одржана деновиве, Еди Рама соопшти дека академиите на науки на Косово и Албанија започнаа со активности за изготвување нова „заедничка албанска енциклопедија како силен демант на искривувањата на историјата на Албанците во Македонија, што се прави во македонската енциклопедија“. Од веќе започнатите објавувања „експертски ставови“ е кристално јасно што ќе пишува во таа енциклопедија за Албанците на територијата на Македонија: дека тие отсекогаш живееле на оваа територија, оти поправо Албанците се Македонци, оние кои што живеат на овој простор уште од антиката, дека, на пример, Бигорскиот манастир не е македонски православен манастир, туку албански православен манастир со име „Мбигури“ и така натаму.

Значи, во „меѓународниот катастар“ се омеѓува и се означува новиот „сопственик“ на ова парче од македонската територија со тапија низ целата историја. Тоа идентично ќе се однесува и на Бугарите во „нивното“ парче на македонската територија. Албанскиот премиер Еди Рама во Брисел го прогласи недоветниот премиер Ковачевски како „идниот премиер на Западна Бугарија“. Дали ова значи дека пробугарската државна единица би се нарекувала „Западна Бугарија“? Како ќе се викаат новите две државни единици на македонската територија и е од помало значење.

Сега директно од македонскиот народ ќе зависи дали ќе дозволи да стане апатрид, народ и без татковина и без држава. На Македонците им е одредена судбината да бидат новите „Курди на Балканот“. Дали тоа ќе го прифатат, дали и како ќе се спротивстават со активен отпор, работа е на македонскиот народ и на оние партии и здруженија, кои ќе отстојат до него во овие драматични историски и судбински мигови. Се додека ќе биде оваа Влада таму каде што е, се дотогаш ќе им виси остриот меч над главата на Македонците.



Од двата општонародни митинга Македонците упатија јасна порака до секој македонски политичар, до која било партија во Македонија: СТОП за „францускиот предлог“ и за бугарските евродиктати, за бугаризација на Македонија и Македонците. Македонскиот народ порачува дека е време е да се погребаат и „северна“, и „Бугарскиот“ и „Преспанскиот“ договор, време е да се погребаат бугарскиот неофашистички хегемонизам врз Македонија, Македонците и македонизмот! Ако не бидат пресретнати и елиминирани двата државотворни проекта, на бугарскиот и албанскиот, на територијата на Македонија, тогаш оваа генерација на Македонци ќе покаже дека со ништо не е достоен наследник на традициите на своите борбени и бунтовни македонски претци.