ДУИ: „Осуда за антиевропското насилство, кое е дел од агендата на Москва за дестабилизација на РМ!“

„Демократската унија за интеграција најостро ги осудува насилството и антиевропските инциденти, што се случија вечерва на протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ и Левица пред зградата на Владата и Собранието.“ – се наведува во соопштението на Демократската агенција за интеграција, кое го пренесе информативната агенција на албански јазик „Журнал“ со наслов „ДУИ го осудува антиевропското насилство на проруските елементи“.

Во своето вечерашно соопштение ДУИ тврди: „Граѓаните вечерва беа сведоци на обидот да се повтори сличниот напад врз највисокото законодавно тело во државата како на 27 април 2017 година од политички партии и поединци, кои воопшто не размислуваат за иднината на граѓаните и на с.Македонија.“

„Во решавачките моменти за државата, во моментите кога се пишува историја и се поставуваат темелите на европскиот пат, Демократската унија за интеграција ги уверува институциите и граѓаните дека нема да дозволи во ниту еден момент скршнување од патот на евроамериканското пријателство и европската интеграција.“

„Проруските партии, кои ги предводат насилните протести против евроинтеграциите, ја спроведуваат агендата на Москва за дестабилизација на земјата и регионот. Но, овие минорни партии немаат поддршка од граѓаните.“

„Ги повикуваме политичките партии во земјата, кои се определени за европска Македонија, да се оградат од овие деструктивни агенди и да работиме заедно за интеграција во Европа, со целосно почитување на идентитетските, културните и јазичните особености на сите нас.“ – соопшти партијата на Али Ахмети вечерва.