Еден претседател на држава навистина треба да внимава што говори, не само кога се наоѓа на прес-конференција како вчера, туку и во неговата канцеларија, на улица па дури и дома. Сите се сеќаваме колку запрепастувачки звучеа репликите од „бомбите“ што ги пушташе Заев и колку бевме непријатно изненадени од нивото на комуникација меѓу поранешната власт.
… Но после оваа рафална средба останавме со горчливо сознание дека претседателот на државата всушност изгуби од Апасиев“ го коментира Нова ТВ одговорот на шефот на државата на новинарско прашање за псовката упатена до него од страна на лидерот на „Левица“.
„Сега такво отсуство на стил и естетика во говорот ни се случи на прес-конференција од страна на носителот на највисоката функција во државата. На највисоката. Не се памети друг политичар така да изгубил контрола во јавен настап. Па дури и пратениците во жарот на најголема вербална војна во парламентот, не отидоа толку далеку, да се навредуваат со таков непристоен речник.
Воздржаноста треба да биде една од главните одлики на носителите на јавни функции бидејќи тие поради честите настапи во јавност создаваат и одржуваат и стандарди во комуникацијата и во односот кон други луѓе макар биле и непријатели. Особено кон непријатели, затоа што токму таму работат емоциите и токму таму треба да се покаже трпеливост, мудрост и пристојност.
Пендаровски тоа треба да го знае…“ се вели во коментарот на Нова ТВ.







