„Охрабрена од поддршката што ја добива од Брисел за вметнување на историските прашања во пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, Бугарија почна истиот метод да го користи и за соседна Србија. Прашање на време е кога Софија своите ‘историски забелешки’ ќе му ги испорача и на официјален Белград, ако не сака и тој да се соочи со бугарско вето при отворањето на преговарачките поглавја.“ – пишува весникот „Нова македонија во својата редакциска статија со наслов „Софија подготвува ‘бугарска историја’ и за Србија“
„Бугарските стремежи не запираат само во Македонија“
„Пробен балон неодамна пушти една бугарска невладина организација именувана ‘Воено-историски комитет’ со својот клуб ‘Полковник Христо Стојанов’, при библиотеката ‘Зора’ од Ќустендил, која неодамна ги повика своите членови и бугарските граѓани на екскурзија насловена ‘По патеките на 41. пешадиски полк – март 1917 година – чистење на Јастребац од разбојниците’. Во објавениот повик и на печатен плакат, оваа невладина организација ја навела трасата по која учесниците во походот ќе се движат: од Ќустендил, преку Власина, Сурдулица, Лесковац, Ниш, Прокупље до планината Јастребац. Сето тоа, како што е истакнато, по долината на ‘Бугарска Морава’.“
„Србите од југот на Србија овој поход на бугарската невладина организација, која дел од српските медиуми ја оквалификува како неонацистичка, ја доживуваат како скандал и провокација, како отворен екстремистички истап и промоција на масовни злосторства врз српското население за време на бугарската окупација и Топличкото востание во 1917 година за време на Првата светска војна. Српските граѓани очекуваат Србија итно да реагира, притоа потсетувајќи дека бугарската окупаторска војска за време на војната извршила масовни злосторства над цивилното население во Пуста Река, Сурдулица, Прокупље и околината на Ниш и Крушевац. Токму едно од најголемите злосторства направиле припадниците на споменатиот 41. пешадиски полк на бугарската војска во март 1917 година на планината Јастребац.“
„Бугарија се обидува црните страници од сопствената историја да ги избрише така што злосторничките походи ги претставува како ослободителни, наметнувајќи една поинаква бугарска историја, непоткрепена со никакви историски факти. Македонија го чувствува тоа на својот грб повеќе од еден век, а особено во последните неколку години, кога официјална Софија стави вето за македонските евроинтеграции, условувајќи ја земјава да прифати една поинаква историја, во која бугарската војска не била дел од фашистичката коалиција и не извршила никакви злосторства врз македонското население, туку само ‘администрирала’ со државава за време на Втората светска војна. Истиот модел Бугарија сега почнува да го користи и во Србија Времето ќе покаже времето колку ќе успее.“





