Костиќ – Марковиќ: Дали сериозно не убедувате дека бугарските барања се неважни?

Дали сериозно не убедувате дека тој “малиот” попуст кај бугарската страна е така бениген од типот на она детското “Ма пушти ги, кој си вика, за себе си вика”.



Ова прашање го поставува новинарката, виолинистка и екс претседател на УО на Македонската филхармонија Бранка Костиќ Марковиќ во врска со бугарскиот протокол во кој ќе пишува дека македонскиот јазик е бугарски дијалект.

,,Или сепак е сериозна отстапка која во иднина им дава за право на соседите да ја злоупотребуваат во свои цели и пак да сведочиме на глупости какво што беше чистењето на речникот од зборови и фрази кои се неотуѓив дел на нашата историја, фолклор, културен идентитет?

Подготвени ли сте да се откажете од сите битови драми, од сите народни песни создавани како отпор на сите окупатори (фашисти, балисти и сличните ним), од локалните карактеристики кои не прават тоа што сме? Јас не го градам денешниот суд за никого врз основа на случувањата во минатото. Со сите имам живот”, смета Костиќ-Марковиќ на која не и паѓа на памет да го бара тоа премолчување на македонските грешки од ниту еден друг народ и да очекува да не опеваат така како што ние ќе порачаме.

,,Секако, не дозволувам ниту да бараат од мене да ги вадам од уметничките творби зборовите како клети Турци и да ставам мили Турци кои наденувале на колец за време на Османлиското ропство (простете драги пријатели Турци што ве земам за пример, но не дозволувам ниту вашето “турско оро убаво” да го преиначуваат во “наше оро убаво”, а ниту “Старата турска чаршија” да ја преименуваат во “Стара скопска чаршија”).

Значи, доста е убедувања, фатете се со сериозна работа и силна акција да го “испеглате” предлогот за да ни даде макар чиста формална заштита на се’ идентитетско, значи и на јазикот, за да не ни се случи да не снема од светов и веков заради едно избрзано пенкало. Навивам да станеме дел од ЕУ, но под услови и со дигнитет и суверенитет како сите останати членки”, порачува Костиќ – Марковиќ која има посебна порака кон тие што три децении и штетат на Македонија и молат дека нема да одговараат:

,,И уште нешто да кажам… Дали мислат сите овие (и леви и десни и трети и десети) што овие триесет години и наштетиле на земјата и криминално се огршиле, дека со „шлепањето“ на патриотските кријла и користењето на ова негодување на сите нас (мнозинството граѓани) за непристојниот француски предлог, дека нема никогаш да одговараат пред законот?

Не бе дечки, ниту смената на власт, ниту овој тампон период „ни ваму, ни таму“ нема да ве спасат од одговорност. Ќе си одговарате, ќе си ги ставите купените дипломи во витрина, ќе си станете од незаслужените фотелји, ќе престанете да си мавтате со туѓи сонца и крилја и ќе си се вратите таму каде што ви е вистинското место, а не на работните места кои им ги узурпирате на вистинските професионалци.

Затоа ги поттикнувам преговарачите да продолжат да преговараат и навивам да добиеме фер услови за влез во ЕУ (не вакви како актуелните), па да мора да почне да владее систем, да се избришат сите клучеви, квоти и проценти, да видиме правда и европски закони кои нема да бираат по ниту една друга основа, освен по реална вредност. Навивам да дојде таа фамозна Европа за да ве стигне сите.

Само така може кај нас. Доволно видовме кои се нашите политички капацитети. Затоа, само напред во преговорите, но без ароганција и со поголема почит кон она што го имаме и што не прави тоа што сме. И слушајте си го народот. Оној чесниот, некорумпираниот и неинструираниот”.

Бранка Костиќ Марковиќ е позната медиумска личност во доменот на културата и уметноста. Таа е истакнат музички публицист со дведецениско искуство, чија кариера во најголем дел е поврзана со телевизискиот екран, иако неретко е присутна и во другите медиуми. Како новинар, уредник и продуцент, автор е на повеќе од 350 емисии од областа на уметничката музика (од циклусите „Музика“, „Класика“, „Аликвоти“, „Мојот пат“, „Музичка сцена“, „Астрорум“, и на неколку документарни филмови и репортажи), во чии рамки реализирала над 1.000 авторски прилози, студиски музички проекти и повеќе од 900 интервјуа со врвни домашни и странски уметници. Се јавува и како промотор, рецензент и координатор на бројни музички изданија и настани. Во еден период се јавува и како дописник на културната програма на српскиот национален сервис РТС. Таа е и уредник на едукативните списанија за деца „Мини Либи“ и „Либи“, пишува за неа порталот мкд.мк.