Политичкиот блок на македонските Албанци зовре по изречените пресуди за актерите од кумановско „Диво насеље“, а заеднички именител на нивните реакции е барањето за вмешување на меѓународниот фактор
„Дел од доказите и материјалите со кои граѓаните имаа можност да бидат запознаени преку медиумите алудираат на наводна вмешаност и на официјални претставници на највисоките државни институции во комуникација со протагонистите на настанот. Затоа, го покануваме Министерството за внатрешни работи и органите на владеењето на правото да вклучат меѓународни експерти во истрагата за случајот и да воспостават комуникација и соработка и со властите на Косово и Албанија со цел размена на информации кон целосно расветлување на случајот“, побараа од Демократска унија за интеграција.
„Бараме итна интервенција на меѓународниот фактор за политичко-судскиот епилог на кумановскиот случај. Одлуката на Кривичниот суд за 746 години затвор за осудените од Куманово, како и казната со доживотен затвор за седум лица, претставува најголема осуда досега за Албанците во историјата на Македонија“, грмат од Алијанса за Албанците. „Пресудата е политичка и континуитет на политички монтираниот процес што се случи во времето на режимот ВМРО-ДУИ и како таква е пресуда за менталитетот на тој режим и на политичките актери што ја имаа моќта тогаш“.
Лидерот на БЕСА, Билал Касами, пак, прстот го впери кон ДУИ.
„Ваквите драматични осуди на Албанците не само што предизвикуваат многу сомнежи, туку и оставаат последици во меѓуетничките односи во Македонија. Кумановскиот случај е од времето на ВМРО-ДУИ, а драконските казни се изречени од СДСМ-ДУИ. Секогаш кога ДУИ е на власт имало вакви случаи, а, за жал, тие и понатаму се случуваат. Како и во претходната Влада, дури и сега Министерството за правда е предводено од ДУИ, а Албанците се осудени на стотици години во затвор“, изјави Касами.





